Лични алати
Пријави се
Трага: Дома ФЕИТ Институти Институт за телекомуникации

Институт за телекомуникации

За институтот

Институтот за телекомуникации е основан во 1972 година во рамките на Електротехничкиот факултет во Скопје. Од неговото формирање до денес, Институтот создаде своја препознатливост во создавањето на врвно оспособен инженерски кадар во најсовремените области на телекомуникациите и информациско-комуникациските технологии, кои својата понатамошна професионална кариера многу успешно ја градат во државата и надвор од неа.

tk_sala

Повеќе информации за Институтот за телекомуникации можете да најдете на
http://tk.feit.ukim.edu.mk

Студиска програма по телекомуникации

tk_slika

Институтот за телекомуникации е матичен институт за сите студиски програми по телекомуникации на ФЕИТ:
a) на додипломско ниво на модулот Телекомуникации
и б) на магистерско ниво на студиските програми: безжични и мобилни комуникации (БМК) и комуникациско-информациски технологии (КИТ).
На модулот телекомуникации, во сите години, тековно студираат преку 380 студенти.
Додипломските студи по телекомуникации траат 8 семестри и се базираат на европскиот кредит-трансфер систем, со што студентот станува дел од европското високо образование. Студентот се запознава со сите современи дисциплини во телекомуникациите и воопшто во информациското-комуникациско инженерство, преку полагањето на задолжителните и изборни предмети. Преку изборните предмети, студентот има слобода самостојно да се профилира во некоја од телекомуникациските области.
Дел од дисциплините, кои се негуваат во студиска програма на модулот телекомуникации се: теорија на информации, дигитални телекомуникации, теле-сообраќаен инженеринг, сигурносни комуникации, безжични комуникации, широкопојасни и оптички мрежи, безжични, мобилни и персонални мрежи, сензорски мрежи, интелигентни антени, канали и пропагација, интернет технологии, дизајн и моделирање на телекомуникациски системи и сервиси, менаџирање во телекомуникациските мрежи, симулациски методи во телекомуникациите, процесирање и пренос на мултимедиски сигнали. Со одбраната на дипломска работа, студентот се стекнува со академскиот степен: дипломиран инженер по електротехника и информациски технологии, специјалност: телекомуникации. Инсти-тутот за телекомуникации е единствена институција во државава, која доделува ваков вид на диплома. Дипломираниот инженер од областа на телекомуникациите својата професионална кариера ќе може да ја гради во индустријата и во јавниот сектор, како што се: јавни телекомуникациски оператори, мобилни оператори, интернет провајдери, банки и осигурителни компании, телевизиски и радио дифузни компании, академски институции и истражувачки лаборатории во земјата и во светот. Студиската програма по телекомуникации, како водечка на овој факултет, ги обезбедува потребните знаења и експертиза за работа во најсовремените комуникациски и информациски области, кои во моментов доживуваат експлозивен раст. Во Република Македонија постојат значителен број фирми кои произведуваат и инсталираат телекомуникациска опрема, како и претставништва на големи странски компании со телекомуникациски профил. Кадрите кои своето образование го завршиле на модулот телекомуникации поседуваат меѓународно препознатлива диплома и се оспособени да се вработаат во фирмите од информациско комуникацискиот сектор (ICT).
Магистерските студии се исто така базирани на европскиот кредит-трансфер систем, траат 2 семестри и завршуваат со одбрана на магистерска теза, после што студентот се стекнува со академскиот степен: магистер по електротехника и информациски технологии.
Институтот, учествува во новоформираната докторска школа на УКИМ, преку нудење на предмети од областа на телекомуникациите во заедничката програма на ФЕИТ.

Истражувачка дејност на институтот

Институтот за телекомуникации е носител на научно-истражувачката дејност во областа на телекомуникациите на Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, и воопшто во Република Македонија. На Институтот, се реализира научно-истражувачка активност во најсовремените области на телекомуникациите и информациско-комуникациските технологии и сервиси. Завидните резултати од научно-истражувачката работа на членовите на Институтот се меѓународно потврдени со публикации во меѓународни списанија и светски конференции.

tk_oprema

Истражувачката дејност на Институтот е поврзана и со работата на бројни домашни и меѓународни научно-истражувачки и апликативни проекти. Во овие проекти редовно се вклучени и нашите студенти, дипломци и постдипломци. Институтот е меѓу водечките институции на УКИМ по бројот на меѓународни проекти, учествувајќи во повеќе европски проекти од FP7 и FP6 програмата во областа на безжичните, сензорските и оптичките мрежи, како и во NATO и TEMPUS финансирани проекти. Институтот развива и директна соработка со повеќе универзитети и компании од Европа и светот: Универзитетот во Алборг (Данска), Техничкиот универзитет во Ахен (Германија), Империјалниот колеџ во Лондон (Англија), Универзитетот во Падова (Италија), INRIA (Франција), THALES COMMUNICATIONS SA (Франција), France Telecom (Франција), EURECOM (Франција), Aаlto (Финска), TRL (Англија), IMEC (Белгија), JRC (Белгија), Универзитетот во Модена (Италија), Uniroma (Италија), Политехничкиот универзитет во Букурешт (Романија), Техничкиот универзитет во Варшава (Полска), истражувачкиот центар на IBM во Њу Јорк (САД), истражувачкиот центар на Ериксон во Даблин (Ирска), Европскиот центар за иновации на Мајкрософт (Германија), EADS (Германија), TUD (Германија), IASA (Грција), Univleeds (Англија), UoS (Англија), KCL (Англија), British Telecommunicaitons (Англија), истражувачката лабораторија на Тошиба во Бристол (Англија), Ericsson (Шведска), KTH (Шведска), HUAWEI (Шведска), UPC (Шпанија), CTTC (Шпанија), EFYU (С. Кореја), институтот Јожеф Стефан (Словенија) и други. Во тек на реализација се и повеќе домашни истражувачки проекти финансирани од Министерството за образование и наука. Под покровителство на Одделот за телекомуникации при Македонската секцијата на IEEE, на Институтот често гостуваат еминентни професори и истражувачи, држејќи предавања за најновите достигнувања и трендови во современите телекомуникации.

Во рамките на својата апликативна дејност, Институтот остварува и блиска соработка со институциите и големите и малите компании во областа на информациско-комуникациските технологии. Учествувал во изработката на голем број на научни студии и проекти кои се од стратешко значење за развојот на телекомуникациската инфраструктура и телекомуникациските мрежи и услуги во најголемите компании и институции во Р. Македонија, како што се: T-Home Македонија, Т-Мобиле Македонија, Космофон, Електростопанство на Македонија, Македонски железници, Министерство за одбрана, МВР, Агенција за Електронски Комуникации, Ланком, Дигит. Во рамките на Институтот функционира и Центар за безжични и мобилни комуникации, кој се занимава со истражување и развој во овие области.

Лабораторија за телекомуникации

tk_lab

Институтот за телекомуникации поседува сопствена Лабораторија за телекомуникации, каде студентите можат и практично да се запознаат со современите техники за обработка и пренос на сигнали и податоци, мрежните архитектури и протоколите во мрежните елементи. Лабораториските вежби предвидени со наставната програма се изведуваат со употреба на реални телекомуникациски модели изработени со современи хардверско-софтверски алатки (системски макети, спектрални и сигнални анализатори, осцилоскопи, SDR уреди, итн.), како и со компјутерско-симулирани модели во Telelogic Tau SDT Tool (SDL), QualNet, OPNET, Matlab и Mathematica. Лабораторијата се користи и во научно-истражувачка дејност при испитување на најнови технологии (на пример когнитивно радио, сензори, RFID-а, оптички влакна) и иновативни мрежни решенија како и за експериментални истражувања во области како што се пропагацијата на радио сигнали, процесирање и пренос на мултимедиски сигнали (со DSP плочки), рекискористување на спектар (со USRP2 уреди) и слично.

Членови на институтот

tk_clenovi

проф. д-р Лилјана Гавриловска, Раководител на Институтот за телекомуникации

проф. д-р Борислав Поповски , Раководител на Лабораторијата за телекомуникации

проф. д-р Венцеслав Кафеџиски

проф. д-р Тони Јаневски

вон.проф. д-р Зоран Хаџи-Велков

вон. проф. д-р Александар Ристески

доцент д-р Перо Латкоски

доцент д-р Владимир Атанасовски

асистент м-р Марко Порјазоски

демонстратор м-р Славче Пејоски

демонстартор м-р Томислав Шуминовски

демонстартор м-р Валентин Раковиќ

СКЕЕОР

skeeor1.png

ISO 9001:2008

Календар
јануари
« јануари 2017 »
повтсрчепесане
1
2345678
9101112131415
16171819202122
23242526272829
3031