
[л-д]: Панче Чавковски (прво место), Никола Постолов (второ место), Александар Ников (Netcetera, организатор), Иван Миланов (трето место) и доц. Д-р Димитар Трајанов (судија)
Во неделата, на 8 јуни, во организација на Netcetera - Скопје, во сајбер-клубот Ентернет се одржа овогодишното финале на натпреварот во програмирање CodeFu. На наша голема радост, првите три места ги освоија нашите студенти – колеги [редоследно]: Панче Чавковски, Никола Постолов и Иван Миланов. Тие се покажаа како најуспешни Јава програмери во Македонија, победувајќи во конкуренција од 400 заинтересирани натпреварувачи од сите Македонски факултети за ИТ, а со тоа потврдувајќи ја и позицијата на нашиот Факултет на полето на ИТ образованието.
Од првичниот број натпреварувачи, првиот круг го поминаа 80, а во финалето се пласираа 32 учесници. Натпреварот се состоеше во решавање на 5 задачи во програмскиот јазик Јава, распоредени според комплексноста, a според тоа и бодувањето беше различно - од 100 до 500 поени по задача, во зависност од тежината. Натпреварувачите имаа на располагање 3 часа, а кодирањето и тестирањето на решениот проблем се одвиваше најчесто во Eclipse и NetBeans.
Тројцата најуспешни, Панче Чавковски, Никола Постолов и Иван Миланов, добија и патување во Швајцарија на годишната Јава конференција Jazoon, со обезбедени виза, превоз, сместување и влезница за конференцијата.
Им честитаме за победата и им посакуваме пријатен престоj во Швајцарија!
За повеќе информации можете да ја посетите веб страницата на натпреварот www.codefu.com.mk |