Упис на магистерски студии на ФЕИТ

Факултетот за електротехника и информациски технологии врши запишување на студенти на втор циклус (магистерски) студии во учебната 2008/09 година на новите студиски програми. На секоја од студиските програми е објавена и листата на професори за предметите од соодветната програма.

Сите студиски програми се со траење од една година (60 кредити). На секоја од нив може да се запишат по 40 кандидати, согласно распишаниот Конкурс за запишување студенти на втор циклус студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје во учебната 2008/09 година.


Пријавувањето на кандидатите ќе се врши од 27.10. до 10.11.2008 година.

Потребните документи може да се поднесат во Службата за студентски прашања на Факултетот секој работен ден од 27.10. до 10.11.2008г. од 11 до 15 часот.


Листа на потребни документи за пријавување:


- Интерен пријавен лист
- Кратка биографија
- Уверение за завршени додипломски студии (оригинал)
- Уверение за положени испити за дипломиран студент (оригинал)
- Уверение или решение за државјанство (оригинален важечки документ, не е битно кога е издаден)
- Извод од матичната книга на родените (оригинален важечки документ, не е битно кога е издаден)
- Документ за познавање на странски јазик (оригинал) (за кандидатите кои дипломирале на ФЕИТ, овој документ не е потребен)



На понудените студиски програми може да се запишат кандидати:

- кои имаат завршено соодветни додипломски студии (од прв циклус) според ЕКТС и имаат освоено 240 кредити;
- кои завршиле на ФЕИТ или друг сличен факултет во странство во траење од 9 семестри;
- кои завршиле сроден факултет во траење од 8 или 9 семестри (додипломски студии кои не се според ЕКТС);
- кои завршиле факултет кој не е сроден со ФЕИТ (според посебна постапка).


Сепак, ќе има толеранции и за оние студенти кои ќе дипломираат подоцна (во текот на ноември и декември 2008). Овие студенти ќе можат да се пријават и да ја следат наставата, но уписот ќе биде финализиран откако ќе дипломираат во горенаведениот рок. При пријавувањето, овие кандидати потребно е да го поднесат Интерниот пријавен лист, кратка биографија и молба, во која ќе се наведе дека дипломската работа е пријавена (заедно со датумот кога е пријавена) и кога се очекува да биде одбранета. За ваквите кандидати од ФЕИТ, може да се искористат истите документи кои веќе се во нивното студентско досие (уверението за државјанството и изводот од матичната книга на родените).


На понудените студиски програми може да се префрлат и кандидати кои се веќе запишани на досегашните постдипломски студии (по стари наставни програми). Овие кандидати не треба да се пријават на Конкурсот со сите потребни документи, туку да се обратат со Барање за префрлување до Службата за студентски прашања на Факултетот, секој работен ден од 27.10. до 10.11.2008г. од 11 до 15 часот, кое ќе биде посебно разгледано.

Комплетните услови за запишување на секоја од објавените студиски програми во втор циклус (магистерски) студии се определени со Одлука на Наставно-научниот совет на Факултетот и нејзиниот прилог во кој, меѓу другото, за секоја студиска програма е прикажан носителот и износот на школарината. Во нив се утврдени и условите и бројот на кредити кои ќе им се признаат на кандидатите со завршени студии со 9 семестри.


По завршувањето на рокот за пријавување на кандидатите, запишувањето ќе се врши на 13. и 14.11.2008 година. Листата на потребни документи за запишување ќе биде дополнително објавена.


Наставата ќе започне на 17.11.2008 година според распоред кој ќе биде дополнително објавен.


Дополнителни информации заинтересираните кандидати може да добијат на e-mail адресата postdiplomski@feit.ukim.edu.mk или  на телефон (02) 3099 199.


Конкурсна комисија на ФЕИТ.


» Интерен пријавен лист – DOC-File, 162.0 KB
» ННС Одлука – JPG-File, 1.3 MB
» Прилог кон одлуката – PDF-File, 113.4 KB