Лични алати
Пријави се
Трага: Дома Новости Рекорден број трудови и пленарни сесии на СКЕОР

Рекорден број трудови и пленарни сесии на СКЕОР

Објавено на 23.11.2017 година

ПОЧНА 5-ТАТА СТУДЕНТСКА КОНФЕРЕНЦИЈА ЗА ЕНЕРГЕТСКА ЕФИКАСНОСТ И ОДРЖЛИВ РАЗВОЈ


Рекорден број трудови и пленарни сесии на СКЕОР


23.11.2017, Скопје – Со рекорден број трудови и пленарни сесии, денес, започна 5-тата јубилејна Студентска конференција за енергетска ефикасност и одржлив развој (СКЕОР), организирана од студентите на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.

„СКЕОР е плод на досегашните искуства на сите организатори. Не радува фактот што сé повеќе се зголемува бројот на учесници, каде оваа година имаме 50 трудови и 11 пленарни предавања на професори или претставници на компании“, рече Наташа Јованова, претседател на Организациониот одбор на СКЕОР.

Деканот на ФЕИТ, професор д-р Димитар Ташковски потенцираше дека студентите го даваат првиот импулс во соочување со предизвиците на денешницата.

„Енергетска ефикасност, одржлив развој, зелена енергија, загадување – термини кои секојдневно ги слушаме во јавноста. За среќа, студентите го даваат првиот импулс и нудат конкретни решенија за подобрување и решавање на предизвиците со кои се соочуваме. Како Факултет веќе имплементираме дел од решенијата произлезени од досегашните студентски конференции, како што се енергетски сијалици, енергетски ефикасна фасада, уред за мерење на потрошувачка на електрична енергија и други иновации. Токму на оваа конференција студентите, заеднички со професорите и со компаниите кои активно се вклучија во реализација на СКЕОР, повторно ќе се обидат да понудат решенија на дел од проблемите“, рече деканот Ташковски.

Тој спомена дека Македонија треба да тежнее кон примерот на Словенија како успешна земја со која може да се компарира, а која минатата година беше прогласена за Зелена Земја.

За координаторот на СКЕОР, професор д-р Маргарита Гиновска, идејата на ФЕИТ е да ги поттикне студентите да бидат креативни, иновативни и со истражувачки дух и идеи за решавање на проблемите со енергијата и одржливиот развој.

„ФЕИТ го поттикнува организацискиот дух и тимската работа кај студентите, како и интердисциплинарниот пристап во решавање на проблемите со енергијата и одржливиот развој. Не радува и соработката со компаниите што ги пренесуваат своите практични искуства од енергетската ефикасност. ФЕИТ е коорганизатор и главен покровител на СКЕОР“, рече Гиновска.

Целта на конференцијата, според организаторите, е да се подигне свеста за потребата од енергетска ефикасност и одржлив развој, особено кај студентите, да овозможи научно-истражувачка работа на глобално актуелни теми, да направи размена на искуства и знаења со експертите и да овозможи контакти на различни нивоа, меѓу компаниите, професорите и студентите.

Студентската конференција СКЕОР ја поддржаа и неколку компании од Македонија.Според Марија Илиева, претставник на „Фероинвест“, оваа компанија, покрај останатите дејности се занимава со Обновливи извори на енергија, односно производство на електрична енергија од мали хидроелектрани.

„Нашиот тим секогаш е расположен за соработка со студентите преку праксата која ја нудиме во  нашите компании, каде што може да им ги пренесеме нашите практични знаења“, рече Илиева.

DekanTaskovskinaSKEOR.JPG

 

SKEOR1.JPG