Лични алати
Пријави се
Трага: Дома Новости Практиканти од ФЕИТ во Македонски Телеком

Практиканти од ФЕИТ во Македонски Телеком

copy_of__DSC0128.JPG

Седумнаесет студенти на Факултетот за електротехника и информациски технологии, од 14.02.2017 година, почнаа со практична работа во Македонски Телеком АД Скопје. Студентите ги пречекаа Бранко Станчев, главен оперативен директор за бизнис корисници на Македонски Телеком, Слободанка Јакимовска-Јосифовиќ, директор на Секторот за дизајн и развој на ИКТ решенија и услуги, претставници на Секторот за човечки ресурси, како и нивните назначени ментори. Тие им посакаа добредојде и на студентите им објаснија дека преку оваа програма ќе стекнат нови практични знаења и активно ќе се вклучат во тековните проекти во компанијата. Студентите ќе бидат распоредени во различни сектори. Беше потенцирано дека од нив се очекува посветена работа, самоиницијативност и креативност.

copy_of__DSC0114.JPG

Практичната работа ќе трае 3 месеци, со можност за продолжување до 1 година и е флексибилна, согласно обврските на студентите кон студиите. Секој студент има доделен ментор – вработен во Македонски Телеком, кој ќе се грижи за практичната работа на студентот и ќе го следи неговото учење и напредување. Студентите ќе добиваат одреден паричен надомест за извршување на практичната работа.

copy_of__DSC0122.JPG

Според координаторот на програмата за пракси во Македонски Телеком, проф. д-р Александар Ристески, низ оваа програма поминале повеќе од 500 студенти од ФЕИТ од различни студиски години. Професор Ристески истакна дека поддршката од Македонски Телеком е од взаемен интерес и е многу значајна за развој на практичните вештини на студентите и претставува одлична можност за вработување во компанијата. На првиот практичен ден во Македонски Телеком, студентите ги поздрави и раководителот на Институтот за телекомуникации, проф. д-р Борислав Поповски.

copy_of__DSC0111.JPG

Интензивната програма за пракси помеѓу ФЕИТ и Македонски Телеком е започната во 2006 година и е отворена за сите студенти на ФЕИТ, посебно за студените од студиската програма Телекомуникации и информациско инженерство.

copy_of__DSC0125.JPG