Предавање со наслов „Магнетна резонанса: од мултидисциплинарни корени до плодни интердисциплинарни гранки“ од д-р Никола Стиков

Вo организација на Факултетот за електротехника и информациски технологии и Машинскиот факултет, утре, 10.02.2010 година (среда), во 12 часот во Амфитеатарот на ФЕИТ и МФС, д-р Никола Стиков ќе одржи предавање со наслов „Магнетна резонанса: од мултидисциплинарни корени до плодни интердисциплинарни гранки“.

Апстракт:

Магнетната резонанса (МР) е предмет на 70 годишни истражувања во областа на физиката, хемијата, инженерството и медицината.
  Во поново време, покрај тоа што стана клучен дијагностички метод во медицината, таа ширум ги отвори вратите и за научни истражувања во други природни и општествени науки, како геологија, земјоделство, психологија и економија.  Во предавањето ќе биде направен осврт врз основните принципи на МР и какви алатки тие нудат за идентификација на структурите и процесите во природата.  Интердисциплинарноста на МР ќе биде илустрирана со резултатите од соработката меѓу електротехничкиот и факултетот за психологија на универзитетот Станфорд во САД. Обединувајќи инженеринг, моделирање, хистологија и невроанатомија, ќе биде презентиран нов метод за визуелизација на миелинот во мозочните патишта на човекот.  Овој пример треба да послужи како почетна точка за дискусија околу потенцијалот на МР во промоција на биоинженерингот во Македонија.

Кратка биографија: 


Д-р Никола Стиков e истражувач (postdoctoral fellow) на Невролошкиот институт (Montreal Neurological Institute) при универзитетот McGill во Монтреал, Канада.  Дипломските студии, магистериумот и докторатот ги има завршено на Електротехничкиот факултет при Stanford University (САД) под етапно менторство на професорите Stephen Boyd, Thomas Cover и John Pauly.  Истражувањата му се во областа на квантитативната магнетна резонанса и нејзините примени во психологијата и неврологијата.  Докторирал со тезата „Квантитативна магнетна резонанса на макромолекуларниот протонски сегмент во ткивата.“

За време на 12 годишните студии на Stanford, д-р Стиков бил асистент (teaching assistant) на група предмети на факултетите за електротехника и за информатика, предавал Фуриеви трансформации на постдипломските студии при факултетот за електротехника , а бил и предавач на Центарот за техничка иновација (Stanford Center for Technical Innovation) во Кјото, Јапонија.  За своите достигања е добитник на Elsie B. Ballantyne стипендијата за дипломски студии на Stanford University во 1997 година, на наградата за исклучителен придонес на Електротехничкиот факултет (Outstanding Service Award) во 2003, како и на јубилејното признание на Станфорд за асистенти (Stanford Centennial Teaching Assistant Award) во 2007.