На 25.11.2007 година, премиерот Никола Груевски во Народната универзитетска библиотека „Климент Охридски“ свечено додели 125 стипендии по информатика, како дел од владината програма „Македонија земја на информатичари“.
Најголем дел од 125-те нови стипендисти се од Факултетот за електротехника и информациски технологии, Скопје.
На доделувањето на стипендиите се обрати премиерот Груевски, а беа присутни и повеќе ректори и професори на Универзитети, како и министерот за информатичко општество Иво Ивановски.
Беше потенцирано дека обезбедувањето стипендии во областа на информатичката технологија ќе придонесе за популаризирање на оваа наука меѓу младите луѓе, со што пак ќе се зголеми и процентот на учество на овој вид кадри на пазарот на трудот.
„Високообразовните кадри се главен капитал на една држава и претставуваат генератор на прогресот и просперитетот на општетсвото, а ја зголемуваат и конкурентноста на државата во привлекување на странски инвестиции. Додека се образувате и ги користите стипендиите, имајте на ум дека секое научено нешто за време на студиите е ваш личен профит, богатство, ваша сила и моќ кои никој во животот не може да ви ги одземе. Многу е важно што повеќе студентите да научат за време на студирањето бидејќи тоа е нивната вредност. Не толку голема важноста на самата диплома, таа ќе ја имаат многумина. Конкуренцијата на пазарот ќе бара знаење, кретивен дух, истражување и постојаното учење.“, рече, меѓу другото, Премиерот.
Во името на наставниот кадар на ФЕИТ, честитки за добиените стипендии на нашите студенти и успех во студирањето им посакува Деканот на Факултетот. |