ФЛАОП (Факултетска лабораторија за автоматска обработка на податоци)

Првиот сметачки центар на тогашниот Електро – машински факултет во Скопје е формиран пред повеќе од педесет години, кога во 1968. година е купена првата сметачка машина IBM 1130. Воедно, тоа е прв сметач од ваков вид во Македонија и трет во тогашната Југославија. Прв раководител на сметачкиот центар е проф. д-р Момчило Богданов.

Со раздвојувањето на Електротехничкиот и Машинскиот факултет, во 1982. година се формира Факултетската лабораторија за автоматска обработка на податоци – ФЛАОП, кога во нови простории се сместени новите сметачки машини од серијата IBM 4331. Со формирањето на оваа лабораторија е направен нов чекор во унапредувањето на наставно – научниот процес на Електротехничкиот факултет во Скопје и се создадени предуслови за понатамошно унапредување на научно – истражувачката работа во сите области на Факултетот. Прв раководител на ФЛАОП е проф. д-р Томе Бошевски.  

Серверска сала

Една од компјутерските училници

Во наредниот период, следејќи ги новитетите во технологијата, неколкупати се извршени надградувања на постоечката опрема и проширување на бројот на компјутерски училници и работни места, како и осовременување на инсталираната опрема. Во 1992. година, со реализацијата на универзитетската компјутерска мрежа, извршено е комплетно омрежување на целиот факултет. Така, денес ФЛАОП располага со серверска сала во која се сместени главните сервери и комуникациска опрема, четири компјутерски училници со околу 80 работни места, машинска сала во која има околу 10 работни места и во која е сместена и централната комуникациска опрема. Во ФЛАОП е инсталирана разновидна опрема од реномирани производители при што постојано се врши осовременување на дел од нејзе.

Опремата во серверската сала е од повеќе реномирани производители. ФЛАОП располага со повеќе серверски машини (Fujitsu, Dell, HP и Sun), персонални сметачи и комуникациска опрема (switch-ови и router-и Cisco, Allied Telesyn, Juniper). Оваа опрема се користи за опслужување на електронските сервиси кои ги нуди ФЛАОП како:

  • систем за електронска пошта за вработените и студентите;
  • хостирање на факултетските веб страници;
  • системот за е-учење;
  • систем за споделување на податоци помеѓу вработените на факултетот;
  • факултетскиот систем за евиденција на присуство на часови кој е развиен со помош на колегите од институтот за компјутерски технологии и инженерство;
  • компјутерските училници, кои се опремени дел со графички станици и дел со персонални компјутери.  

Во 2019. во ФЛАОП се реновираа две компјутерските училници и истите се опремија со персонални компјутери од најновата генерација и на нив студентите имаат можност да извршуваат алгоритми кои бараат голема процесирачка моќ. На студентите и вработените во зависност од потребите на располагање им се повеќе оперативни системи ( Oracle Solaris, Linux, Windows), како и соодветни апликации.  

Во компјутерските училници на ФЛАОП се одвиваат лабораториски вежби по значителен број предмети од додипломските наставни програми на сите студиски програми (приближно по околу четириесет предмети по семестар). Додека студентите на постдипломски студии ги користат ресурсите на ФЛАОП за изработка на практични проекти и научни истражувања.  

За време на летните месеци кога нема настава на студентите на ФЕИТ им се овозможува извршување на пракса каде имаат можност да се запознаат со работата на ФЛАОП и да стекнат практични знаења од областа на оперативните системи и компјутерски мрежи.  

Исто така ФЛАОП е една од локациите каде се одржува интернационален  настан „Hour of Code“ (Воведен час во кодирање), настан кој има цел да ги воведе младите во светот на програмирањето и информатичките науки.  Ресурсите на ФЛАОП повеќе се користат за домашни и меѓународни научно – истражувачки проекти во кои учествува Факултетот. 

Во ФЛАОП се вработени м-р Тони Манџуковски – систем инженер и Витомир Богатиновски – оператор, а Ристо Чавдаров – систем инженер и Димитар Крстески – демонстратор се ангажирани со договор.

Димитар Крстески, Витомир Богатиновски, Теодора Ситникоска, Ристо Чавдаров (од лево кон десно)

Вработените во ФЛАОП се надлежни за одржување на целата компјутерската мрежа на Факултетот, одржувања на постоечките сервиси и креирање на нови, како и за давање стручна и техничка помош на вработените на ФЕИТ.